Активно барање на работа


Најпрво би сакала малку подетално да ве информирам за тоа што значи активно барање на работа.

Сите сме слушнале за тоа како некој бара работа за да не ја најде што е парафраза на тезата дека некој бара работа но само на збор.

Активното барање на работа не значи само поединецот да е пријавен во АВРМ односно во агенцијата за вработување на Република Македонија и да се оди секој месец за пријавување туку претставува планско барање на работа.

Пред да се испланира процесот на барање на работа секој активен барател на работа треба да биде начисто сам со себе по однос на прашањето Каква работа бара и што сака да работи. Ова е важно од повеќе аспекти.

  1. Ако барателот на работа знае во која бранша бара работа полесно ќе може да ги следи огласите за слободни работни места, бидејќи не е исто да се разгледуваат еден куп огласи за вработување отколку детално да се разгледаат неколку огласи кои се на иста фрекфенција со нашето посакувано работно место.

  2. Важно е барателот на работа точно да знае што сака да работи односно кои работни задачи би ги извршувал со љубов, бидејќи многу пати човек се вработува и кога ќе сфати кои се всушност задачите кои треба да ги извршува се демотивира и спласнува неговата желба за одење на работа.

  3. Исто така барателот на работа треба да знае што тој очекува од самиот работодавач во однос на работните услови,платата и слично за да не дојде во ситуација да потпише договор кој не одговара според неговите замисли и желби.

    Откако барателот на работа ќе дефинира кое работно место го бара тогаш треба да седне и да го спреми своето CV односно својата кратка биографија која секој работодавач ја бара при аплицирање за работа во неговата компанија.

Cv-то претставува прв контакт на работобарателот со работодавателот односно со компанијата во која поднесува апликација(CV)  за вработување.

Доколку работодавачот не не познава лично и не сме директно препорачани од некој познат на работодавачот Cv-то ќе претставува клучен фактор за тоа дали ќе не повикаат на интервју или не. 


Во денешно време на дигитално живеење кога секој поединец има слободен пристап до интернет многу лесно може да најде примери за тоа како треба да изгледа едно CV. Исто така постојат многу платформи и бесплатни и со плаќање на кои може да се најдат готови формати за изработка на Cv во кои барателот на работа треба само да ги внесе своите податоци.

Една од тие платформи е euro pass платформата која е преведена во повеќе држави па и во Македонија. 

Секој кој сака да си изработи сам свое професионално Cv треба да оди на europa.eu/europass/mk  и да се регистрира на платформата за да може CV-то кое еднаш ќе го направи по потреба да го корегира со ажурирање на своите податоци.

Во денешно време неизбежен дел при праќањето на CV е да се испрати и мотивационo писмо кое уште се нарекува Cover Letter или насловно писмо.

Мотивационото писмо треба да содржи меѓу 200 и 250 зборови и мора да е лично, напишано со уникатна содржина која ќе асоцира на нашата личност.

Поедноставно кажано мотивационото писмо треба да е поврзано со нашата мотивација односно перцепции,чувства и размислувања за фирмата во која го испраќаме мотивационото писмо.

Мотивационото писмо се пишува конкретно за фирмата во која се аплицира што значи дека за различни огласи на кои аплицира работобарателот треба да има подготвено различни мотивациони писма односно не може со едно напишано мотивационо писмо да аплицира на сите огласи од компании каде бара работа работобарателот.

Пред да се напише мотивационото писмо мој предлог е да се истражи за компанијата во која ќе  аплицираме за работа и да размислиме како нашата долгорочна цел може да ја поврзиме со таа компанијата.


Откако барателот на работа ќе си одговори на прашањето Која работа ја сакам? И Ќе си направи CV треба да премине кон правење на план за активно барање на работа.

1.Како прв чекор од планот претставува огласот за вработување односно работобарателот треба да почне да разгледува огласи за вработување кои лесно можат да се најдат во печатени и дигитални медиуми како весници, различни  дигитални портали како и на самите веб страни од компаниите. Постојат специјализирани веб страни на кои може да се регистрираат барателите на работа и на својот имеил да добиваат известувања за активните огласи за вработувања. Такви страни се:

- kariera.mk 

- vraboti.se

- vrabotuvanje.com.mk и други.

Актуелна меѓу студентите и дипломците е и нашата платформа bintern.com која функционира на ист принцип како другите платформи за огласување односно на своите корисници им испрака имеил и смс пораки со цел да ги информира за новите огласи за пракса и вработување.

2. Дел од планот за активно барање на работа е и правење на листа на контакти (познаници,роднини,вработени во компании со кои се познаваме и слично) на кои може да му се јавиме и да прашаме дали можат да ни помогнат во процесот на барање на работа односно да ни кажат за некој интерен оглас за кој сметаат дека не сме информирани или да не препорачаат во некоја фирма каде има отворени огласи за вработување без разлика дали тоа е фирмата во која контактот работи или на некој начин е поврзан со таа компанија.

3. Како трет чекор од планот е проактивноста односно сам да се препорачаш на работодавачите односно компаниите. Ова подразбира активниот барател на работа самоиницијативно да испрати имеил во компаниите со цел да праша дали имаат потреба од вработување на кандидат со вештини кои тој ги поседува. На самите веб страни од компаниите има оставено контакт информации каде барателот на работа може да најде имеил на кој може да испрати ваков тип на порака.

Многу работодавачи ја ценат проактивноста на младите луѓе па затоа слободно преземете акција во однос на оваа ставка од акциониот план за барање работа и пратете имеил до компанијата во која сакате да работите.

4.На пазарот постојат многу агенции кои посредуваат при вработување. Секој од нас може да истражи кои агенции се добро рангирани пред да се одлучи со која агенција да соработува.

5. Многу важен дел од планот за активно барање на работа е практиканството.

Секој кој сака да работи во областа за која е стручно квалификуван со диплома мора да стекне практично знаење бидејќи она што се учи на факултет не е поткрепено со практична работа и многу често компаниите не вработуваат луѓе без практично искуство.

Во денешно време компаниите се почесто се одлучуваат да работат со практиканти кои ги плаќаат со одреден паричен износ, а бенифитот кој го добиваат практикантите од извршувањето на практична работа во една компанија не е само финансискиот момент туку и збогатувањето на CV  во делот на праксата.

6. Во планот за активно барање на работа треба да го вклучите и волонтирањето. Иако волонтирањето не го збогатува нашиот џеб сепак има голем бенифит за работобарателите бидејќи и го збогатува CV-то и помага полесно да направиме нетворкинг односно вмрежување со луѓе кои можат да ни помогнат при вработувањето.

7. Како најважен дел од планот за активно барање на работа е учењето односно доквалификациите кои не мора да се однесуваат само на завршување на некој курс или обука туку може да се однесува и на читање на блогови, книги,стручни списанија и најразлични печатени или дигитални содржини преку кои ќе бидете во тек со најновите информации од областа која ве интересира и во која барате работа.


Ако нашата визија е во насока на тоа да бидеме вработени на одредено работно место во точно одредена компанија тогаш планот за барање работа треба да го прилагодиме кон таа компанија.

Најважниот момент на кој треба да обрнеме внимание пред да почнеме да го правиме планот за активно барање на работа е моментот што се однесува на нашата цел.

Целта може да биде краткорочна или долгорочна и во однос на тоа треба да се конструира и самиот план. Секогаш треба да внимаваме на тоа како ни е поставена целта или со други зборови најдобро е целта да биде поставена така што нема да биде ни ептен ниска ни многу превисока. Со други зборови кажано најдобро е да поставуваме реални цели за да не дојде до момент на демотивирање. На пример ако некој почетник во  ИТ кариера си постави цел дека од првото вработување ќе биде со плата како на сениор програмер тогаш нормално е да се очекува дека ќе има разочарување бидејќи  позициите во ИТ секторот се одредуваат според работното искуство, а не само врз основа на знаењето.

За еден план да биде остварлив прво и основно е да се постават SMART цели осносно паметни цели. SMART цели се оние цели кои се специфицни,мерливи,остварливи,реални и временски ограничени.

Најважно од се е барателот на работа да биде решителен и да сака да најде работа. Бидејќи барател кој нема расчистено сам со себе дали сака вистински да се вработи или бара работа за да не ја најде нема да биде мотивиран да направи акционен план по кој ќе се движи на патот кон своето вработување.

Уште денес размислете дали спаѓате во групата на активни баратели на работа и преземете акција. Немој да дозволувате туѓо искуство да ве демотивира во желбата за вработување. Најдобар сојузник кон наоѓање на работа е вашата желба,мотивација и пристапот кон барањето на работа.

Поставете си цел која е достижна за вас и направете план за остварување на таа цел. Пристапете организирано и одлучно кон спроведувањето на вашиот план за барање работа и одлучно движете напред. 

Сигурна сум дека доколку сте решени да го остварите планот и преку него да стигнете до вашата цел, резултатите ќе бидат неизбежни и вашата визија ќе стане реалност.

Ве поздравува вашиот блогер м-р Јасна Весиќ.

Bintern е првата македонска платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување.
Регистрирајте се веднаш на bintern.com