Дигитален личен бренд


Најпрво би сакала да ви го дефинирам поимот личен бренд. За таа цел ќе го искористат цитатот од Џеф Безос, основачот на Амазон кој рекол “Личниот бренд е она што луѓето го зборуваат за вас кога не сте во собата”. Иако сите ние велиме дека не ни е важно што другите зборуваат и мислат за нас, сепак доста често го земаме туѓото мислење во предвид без разлика дали тоа се однесува на нашата кариера или на нашиот животен пат.

Добриот глас се слуша надалеку, лошиот – уште подалеку” е нешто што сите сме го чуле.

Добриот глас не се однесува само на нашите технички познавања од струката за која сме се образувале или во која работиме, деловните успеси или проекти на кои сме работеле, туку се однесува и на нашите меки вештини попознати како “soft skills”  во кои што спаѓаат нашите  односи со луѓето, асертивната комуникација, управувањето со конфликти, преговарачките вештини, лидерството и.т.н.Вложувањето во себе, во сопствениот раст е клучно за напредување не само во кариерата  туку и во животот и затоа и  смее да биде занемарено.

Под личен бренд се вбројува се она што го прави една личност како на пример каков родител е и како се однесува со своите деца, како се однесува со другите луѓе, како се однесува со околината(дали ја загадува,заштитува или уништува), како се однесува на работното место, како се однесува на јавни места, на кој начин комуницира со околината, каков е степенот на негова социјализација, како се однесува на социјалните медиуми односно со кого комуницира,што објавува,какви коментари пишува….

Или наједноставно кажано личниот бренд се поистоветува со севкупното однесување на една личност во текот на целиот живот.

Личниот бренд е важен за секој поединец без разлика на неговиот статус во опптеството. Тој не е наменет само за оние кои бараат работа или кои веќе се докажани професионалци во некоја област. Секој човек без разлика на возраста треба да обрни внимание на тоа како другите го гледаат, односно каков впечаток остава со неговата појава без разлика дали тоа се однесува во рамките на семејството,работната околина или општеството.

Многу е важно и тоа со кого се дружи човекот и какви ставови искажува во јавноста. Целокупното однесување на еден човек влегува во рамките на неговиот личен бренд.


Во денешно време на дигитално живеење кога социјалните мрежи станаа место број 1 за комуницирање Интернетот стана простор за градење на личниот бренд.

Дигиталната ера ни отвори многу можности за полесно себепретставување  пред одредена целна група. Дигитализацијата во голема мера  ни го промени начинот на комуницирање и поврзување со другите луѓе. Така што ние, свесно или несвесно, преку интернетот започнавме да градиме одредена виртуелна слика за себе. Таа виртуелна слика уште се нарекува виртуелен личен бренд.

Дали сте размислувале некогаш за вашиот виртуелен личен бренд? Дали сте свесни за сликата што ја оставате за вас на интернет? Дали сте направиле некогаш истражување за тоа „Kој/а сум јас на интернет?“ .

Ова се неколку прашања кои може да ве насочат да започнете да размислувате за вашиот виртуелен личен бренд.

Поконкретно кажано Виртуелниот личен бренд претставува алатка за себепретставување во виртуелниот свет  и поврзување со другите луѓе преку интернет. Интернетот дава неограничена можност но сепак треба да размислиме за тоа кои и какви информации ќе споделиме  за себе, затоа што нашиот дигитален отпечаток ќе не следи каде и да одиме, без разлика каде се наоѓаме. 

 Виртуелниот личен бренд може да го контролираме или пак целосно да го игнорираме. Ние сме тие кои одлучуваме како ќе се однесуваме на интернет односно кои информации ќе ги споделиме, на кој начин тие информации ќе ги пласираме,со кого ќе комуницираме,какви коментари ќе оставаме и слично.

Преку виртуелниот личен бренд може да ја прикажеме нашата личност, нашето однесување, интересите кои ги имаме, да споделуваме информации за нашиот развој, достигнувања, напредок. 

Онлајн сликата за себе може да ја градиме и со цел да стекнеме лична моќ, да развиеме и споделиме вредности, да влијаеме на подигнување на нашата лична репутација, да ја покажеме својата експертиза, разликите со другите и сл.

Виртуелниот личен бренд може да биде од витално значење за нас и на професионално ниво. Преку него ние се претставуваме пред сегашните или потенцијалните клиенти, работодавачи, соработници и сл. Преку виртуелниот личен бренд создаваме слика за нас односно за  тоа како сакаме другите да не гледаат. Имаме можност да ги истакнеме нашите предности и да ја претставиме нашата оргиналност, а тоа може да ни помогне другите луѓе да  веруваат дека подобро не познаваат. Ова значи дека може да бидеме и „мета“ на проверка од страна на регрутерите или проверката да биде дел од селективниот процес во рамките на вработувањето.

Во професионалниот свет, личниот бренд е сликата што другите ја гледаат за нас и впечатокот што другите го добиваат за нас. Создавањето на личен бренд бара добра саморефлексија и интроспекција. Доста луѓе имаат проблем да се опишат себеси, па повеќе преферираат да споделат какви сакаат да бидат. Тој не е реален личен бренд, тој е посакуван личен бренд. Овој сегмент претставува повеќе точка на размислување и проверка од страна на организациите, од страна на другите – дали и колку веруваат во она што ние го споделуваме за нас.

Треба да разбереме дека личното брендирање всушност е исто што и личниот маркетинг. Тоа претставува тековен процес на развој и одржување на репутацијата и впечатокот што го градиме за нас во средината.

Многу е важно да не заборавиме кои сме, да имаме здрава самокритичност, соодветна зрелост и самоконтрола на она што го споделуваме за нас на интернет.


Во продолжение би сакала да споделам со вас неколку совети за тоа како подобро да изградите личен бренд.

1.Секогаш внимавајте на вашата облека

Првиот впечаток што го оставате пред непознати луѓе најчесто е невербален а облеката може многу да каже за вас. 

2. Внимавајте на вашиот речник 

Никогаш не се знае кој ве гледа и слуша од страна и затоа секогаш треба да се внимава на речникот,а воедно и на начинот на зборување.

3. Внимавајте на вашето однесување

Без разлика на тоа каде се наоѓате секогаш треба да внимавате на тоа како се однесувате. Сите имаме денови кога сме станале на лева нога, но сепак тоа не треба да биде причина за да се однесуваме несоодветно во надворешниот свет.

4. Водете грижа за вашиот виртуелен личен бренд

Секогаш размислете убаво пред да споделите некоја информација од личен карактер или некоја фотографија од вас на интернет. Сите сме разлишни па не секој исто ќе ги протолкува вашите информации. Внимавајте со кого стапувате во директна или индиректна комуникација преку социјалните мрежи.

Бидете свесни дека она што го објавувате на интернет останува засекогаш во етерот.

5.Внимавајте како се смеете

Никогаш немојте да се смеете прегласно .

Иако овие совети наликуваат на општите бонтон правила за однесување сепак запамтете дека Вашето однесување зборува за вас, Вие сте тие кои одлучувате како ќе се претставите пред другите и каков впечаток ке оставите во околината.

Никогаш не е касно за да се почне да се работи на својот личен бренд. Вложувајте во себе, вложувајте во знаење. Дел од слободното време посветете на себеподобрување бидејќи Човекот учи додека е жив,а учењето е важен дел од личниот бренд.

До следниот блог ве поздравувам - вашиот блогер Јасна Весиќ.


Bintern е првата македонска платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување.
Регистрирајте се веднаш на bintern.com