Интервју за работа


Најпрво би сакала малку подетално да ве информирам за тоа што значи поимот интервју.
Ако пребарате на википедија за интервју како дефиниција ќе го најдете следниов исказ: 

Интервју претставува методолошка постапка што се применува во социолошките истражувања со цел да се дојде до емпириски податоци преку вербална комуникација меѓу испитувачот и испитаникот, а податоците ќе се користат за научни цели.
Поедноставно кажано интервју е постапка или алатка која се користи во истражувањата со цел преку разговор да се дојде до потребните податоци.
Најконкретна дефиниција за интервју за работа е онаа која вели дека интервју за работа е еден вид истражувачки разговор, а не еднострано испрашување.
Значи постои лице или повеќе лица кои поставуваат прашања(тоа најчесто се HR - менаџерите во една фирма или тим од вработени во една фирма) и лице или лица кои одговараат прашања односно работобарателите кои имаат аплицирано на некој оглас за вработување и се повикани на интервју за работа.
Интервјуата за работа можат да се водат индивидуално односно кандидати да се повикуваат на разговор еден по еден или пак групно односно повеќе работобаратели да се интервјуираат истовремено.
Без разлика дали се работи за групно или индивидуално интервју постапката е иста - лицето кое го води интервјуто поставува прашања кои треба да се одговорат.  

На интервју за работа, се поставуваат  прашања сврзани со квалификација, образование, работно искуство, но и прашања за карактерот на лицето кое е повикано на интервју. Постојат одредени прашања кои се поставуваат без разлика на тоа за  каква работна  позиција се има кандидирано лицето кое е повикано на интервју.


Постојат повеќе видови на интервјуа за работа и тоа:

  •  Интервју преку телефон – Ова интервју претставува прв контакт со потенцијалниот работодавач каде се врши пре-селекција на кандидати. Многу често компаниите го користат ова интервју.  Доколку успешно го поминете телефонското интервју ќе ве поканат на интервју и во живо.

  • Онлајн интервју или уште се нарекува Видео-интервју – Ова интервју се одвива онлајн преку Skype,Zoom, Google meet, FaceTime или преку некоја друга онлајн платформа наменета за онлајн комуникација.  Овој начин на интервју е во пораст во последно време, а најмногу се актуелизира од пандемијата наваму.  Овој вид на интервју обично е дел од пре-селекцијата на кандидатите слично како и телефонските интервјуа.

  • Интервју Еден-на-еден – Oва интервју претставува  средба на работобарателот со одговорен од компанијата на интервју лице во лице.Овие интервјуа најчесто се формални, но може да се одржат и за време на ручек или кафе пауза. Може да ве интервјуираат и повеќе луѓе но во различни периоди.

  • Интервју во форма на Панел дискусија – Ова интервју е слично на  еден-на-еден интервјуата, а разликата е во тоа што од страната на лице кое го води интервјуто се два или повеќе претставници од компанијата најчесто од различни сектори во компанијата.

  • Групно интервју – Ова интервју претставува разговор каде  повеќе кандидати се интервјуирани истовремено. На овие интервјуа се поставуваат одредени прашања на кои се разговара во група.

Доколку некој активен работобарател добие повик за второ интервју  значи дека ја поминал фазата на пре-селекција, работната позиција одговара на неговиот профил и работодавачот смета дека тој работобарател  поседува нешто што го издвојува од останатите кандидати.


Сега сакам малку подетално да ви потенцирам на што треба да се обрни внимание кога се оди на едно интервју за работа.
Значи претпоставуваме дека сте добиле повик за интервју за работа од компанијата во која имавте испратено Cv за аплицирање на нивен активен оглас за вработување.
Сте добиле телефонски повик во кој ве информирале за местото и времето кога ќе се одвива интервјуто.
Најпрво што треба да направите е да истражите за компанијата во која сте аплицирале за работа, односно во која сте повикани на интервју. Во денешно време е многу лесно да се дојде до информации бидејќи секоја компанија има своја web страна на која имаат јавно објавени податоци за компанијата. Затоа најпрво што треба да се направи е да се отвори web страната на компанијата и да се дознае:

  • која е компанијата, 

  • колку вработени има, 

  • со што се занимава фирмата,

  • која е визијата на фирмата

  • Кои се поголемите проекти на фирмата

  • Дали фирмата се занимава со хуманитарна работа (организирање на настани и химанитарни акции)

  • Дали фирмата е општествено одговорна и сл.

Исто така многу важен податок кој треба да се истражи е физичката локација на компанијата. Најчесто интервјуата се одвиваат во самиот објект на компанијата па доколку не сме добро запознаени со локацијата односно адресата на компанијата ке закасниме на интервјуто.
Откако ке се истражи на интернет за компанијата добро би било ако познаваме некој што работи во таа компанија да го исконтактираме со цел да прашаме за компанијата и организационата култура во истата.
Втора работа која треба да ја направиме пред да одиме на интервју е да си спремиме папка во која ќе ги носиме нашите дипломи и сертификати во печатена форма, оние дипломи и сертификати кои сме ги внесле во Cv бидејќи многу често на интервјуа се случува да бидат побарани тие документи за да се видат во живо и да се потврди дали се точни податоците кои биле внесени во CV во делот на образование.
Затоа секогаш треба да се внесуваат точни податоци и информации во Cv-то за да не се дојде во ситуација на самото интервју да бидете фатени во лага.
Овие две погоре наведени работи се сметаат како предподготовка за на интервју.

Кога станува збор за денот на интервјуто најважно од се е нашиот изглед да биде прикладен и да стигнеме 10 до 15 минути порано на самото место, а не со закаснување. 
Бидејќи првиот впечаток е најважен мора да се потрудите да оставите што е можно подобар впечаток, а со тоа си ја зголемувате шансата баш вие да го добиете работното место за кое сте аплицирале.


Кога зборуваме за прикладен изглед се мисли на повеќе аспекти и тоа:

  • Уредна коса

  • Дискретен часовник и накит

  • Природен изглед во однос на шминката

  • Парфем може воопшто да не се стави или мала количина на некој неутрален,дискретен мирис

  • Очила за сонце не се дозволени за на затворен простор

  • Забранети се и мастиките за џвакање

  • Облеката да не биде како за на кафе туку едноставни црни пантолони, еднобојно кошулче или блуза, црни чевли или патики.

    Скромноста и природноста во однос на надворешниот изглед се добитната комбинација за секое интервју и за оставање на добар прв впечаток.

Секое интервју  трае просечно 25 до 30 минути и е структуирано во 4 дела и тоа:

  1. 5 минутен воведен разговор 

  2. 15 минути прашување (тука лицето кое го води интервјуто поставува прашања)

  3. 5 минутен дел каде кандидатот може да постави прашања

  4. 5 минутен завршен дел 

Кон крајот на овој блог би сакала да ви посочам дека интервјуто е продажба на самиот себе. Треба да се искористат тие 25-30 минути за да се прикажеш самиот себе во најдобро светло пред компанијата во која си аплицирал за работа и во која те повикале на интервју. За да се остави добар впечаток треба секогаш да се настапува со самодоверба и асертивност. 
Ве поздравува вашиот блогер м-р Јасна Весиќ.

Bintern е првата македонска платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување.
Регистрирајте се веднаш на bintern.com