Волонтерство


Денес ќе ви зборувам на темата “Волонтерство”. Оваа тема е доста актуелна во последно време. Секојдневно се одржуваат безброј настани како во склоп на една општина така и во склоп на различни институции, компании, невладини организации и слично. Многу често по социјалните медиуми среќаваме јавни повици за волонтери на кои можат да се приклучат луѓе од најразлична возраст. Многу од нас биле вклучени активно како волонтери во организирањето на најразлични настани, но има и луѓе кои не биле вклучени волонтерски во ниеден настан и верувам дека се заинтересирани да дознаат што значи да си волонтер и кои активности ги има еден член на волонтерски тим.
Најпрво би сакала да ви споделам општи информации за волонтирањето.
Според законот за волонтерство  волонтерството претставува активност од интерес за Република Македонија која придонесува за подобрување на квалитетот на животот со активно вклучување на луѓето во општествениот живот, како и за развој на хумано и рамноправно демократско општество. 
Под волонтерство се подразбира доброволно давање на лични услуги, знаења и вештини и /или вршење на други активности во корист на други лица, органи, организации и други институции, без надомест.
Со овој закон не се ограничува можноста да се даваат волонтерски услуги кои се од непостојана или случајна природа на доброволна основа , без надомест. Под волонтерство, според овој закон, не се подразбира вршење на волонтерски стаж, согласно со Законот за работните односи.


Организатори на волонтерска работа може да бидат: 

  • здружение на граѓани и фондација;

  • верска заедница и религиозна група; 

  • јавна установа - орган на државна власт или единица на локалната самоуправа. 

Наједноставно кажано волонтерството е доброволно учество во организирање на некој настан при што времето и трудот кое ќе го вложи волонтерот со своето учество нема да му биде парично вреднувано, односно нема да добие финансиски бенифит.
Волонтерството е еден од најдобрите начини да се помогне во образованието на младите во едно општество, преку здобивање на искуство и функционирање во работен тим, што во текот на нивниот живот ќе им биде од значителна корист.
Многу важна вештина која се бара при вработување денес е тимската работа. Преку волонтирањето се стекнува оваа вештина бидејќи организирањето на настани е работа која е поврзана со вклучување на повеќе лица кои мора да работат како тим за да може успешно да се заврши работата и да се постигне целта,а тоа во случајов би било добро организиран настан.
Без разлика на знаењето кое се стекнува за време на средното и факултетското образование, волонтерството нуди практични знаења кои не се учат на училиште како на пример:
Комуникација со луѓе од најразлична возраст и од различни професии
Волонтирањето дава можност да се комуницира со многу луѓе кои се надвор од твоите секојдневни кругови. На пример ако се работи за волонтирање на некој филмски фестивал во самата организација се вклучени луѓе од филмска индустрија како глумци,режисери,сцџенаристи, но и луѓе од медиуми,  луѓе задолжени за комуникација, претставници од компании кои се дел од спонзорите и слично.
Во зависност од тоа кои се задачите кои му се доделени на самиот волонтер тој ќе има директна или индиректна комуникација со голем дел од луѓето кои се приклучени во организацијата. Значи еден средношколец - волонтер би имал комуникација со дотогаш непознати луѓе кои воопшто не ни знаел дека постојат, но утре другиден може да му испрати имеил за да праша некој совет или да побара некоја помош.
Работа на терен односно надвор од рамките на образовната институција
Волонтерските активности најчесто се вршат на самата локација каде ќе се одржува настанот така да безразлика од каде доаѓаат волонтерите во смисла од кое училиште или факултет нивните активности во склоп со волонтерството ќе се одвиваат надвор од нивната образовна институција.
При волонтерските активности волонтерите имаат можност подобро да запознаат како функционира некое место и подобро да ја научат внатрешноста и функционалноста на просторот на локацијата каде ќе се одржува самиот настан.
Можност за присуствување на настани од затворен тип каде може да учествуваат само поканети луѓе
Волонтерството им овозможува на волонтерите да бидат дел од самиот настан на кој се вклучени како волонтери. Бидејќи многу настани што се организираат се од затворен тип односно само луѓе кои имаат добиено покана може да присуствуваат на истиот, многу млади луѓе немаат прилика да бидат дел од настанот иако се заинтересирани за истиот.
Затоа волонтерството е добар начин да се биде дел од тековните актуелни настани и манифестации.


Запознавање на познати личности
Во зависност од видот на настанот кој се организира можноста за присуство на познати личности е голема. Кога се во прашање културно-уметнички настани сигурно е дека дел од познати личности од естрадата, филмската индустрија, музичката сцена и слично ќе бидат дел од самиот настан или ќе бидат дел од публиката. Како и другите членови од организацијата на еден настан така и волонтерите имаат можност да се запознаат со познатите личности, да комуницираат, да се сликаат и слично.
Учество на разни работилници кои се во склоп на самиот организиран настан
Многу често во склоп на самите настани има вклучено различни работилници во кои слободно може да се приклучат волонтерите, се разбира доколку сами јават интерес за истите. Искуството кое може да се стекне од тие работилници е убава можност за зголемување на практичните знаења во однос на некоја тема.
Себепромоција 
Сите настани од јавен карактер се одлична можност за нетворкинг односно меѓусебно вмрежување и запознавање на луѓе од различни профили и генерации. Секој учесник на одреден настан без разлика дали е дел од организацијата, дел од волонтерскиот тим или дел од гостите на самиот настан има можност да присуствува на коктелите и кафе дружбите кои се дел од самиот настан и кои претставуваат одлична можност за зголемување на листата на познанства. На самите настани секој волонтер може да се претстави себе пред другите во вистинско светло односно да ги покаже своите интереси, знаења и амбиции бидејќи надвор од образовните институции барем според мене децата, младите и општо луѓето се однесуваат порелаксирано и повеќе се охрабрени да зборуваат за себе на настани со опуштена атмосфера отколку на места каде се очекува однесувањето да биде според одредени правила и кодекси.
Волонтерството  многу пати се поистоветува со активизмот иако не се работи за ист поим.
Активизам претставува иницирање и извршување на некоја акција која е во согласност со нашата идеја,нашиот став или нашата потреба.
Активизмот опфаќа многу различни активности или проекти од мали локални активности па се до активности на национално или меѓународно ниво.
Активизмот подразбира и добивање подршка од истомисленици,јавно презентирање на акцијата,создавање на летоци или реклами како и организирање и спроведување на акција.
Волонтерството е доброволна активност со која волонтерите вложуваат напор и време за да му помогнат на некој или за да направат некое добро дело за својата заедница.


За време на волонтирањето волонтерите учат многу работи едни од други и притоа слободното време кое го вложуваат во волонтерката акција го поминуваат на интересен и квалитетен начин. Значи кога волонтирате правите нешто добро и за другите, но и за себе.
Волонтирањето те прави исполнет и ти го зголемува чувството на добрина односно со самото тоа што правиш нешто добро во корист за друг и притоа не добиваш пари за вложениот труд ти ја зголемува самодовербата и се чувствуваш како да припаѓаш во семејството на добри луѓе.
Иако волонтерството не познава години сепак најатрактивно и најпривлечно волонтерството е за младите луѓе, а најмногу за средношколците.
Лично познавам голем број на средношколци кои биле активно приклучени во повеќе волонтерски активности и сум зборувала со нив за нивното волонтерско искуство. Нивниот фидбек е позитивен, тие се среќни што имале можност да бидат вклучени во организирањето на повеќе фестивали кои се одржувале во нашиот град и желно очекуваат повик за нови волонтерски активности.
Може да волонтирате на различни места, како здруженија,спортски или културни настани, помош на врсници од училиште или работа, вдомување на напуштени животни, ботанички или зоолошки градини.
Но, исто така може да волонтирате и во разни активности како што се:

  • Чистење на животната средина или

  • Собирање на хуманитарна помош за сиромашните, средства за хигиена на бегалците или помош во облека,играчки и сл. за деца кои живеат во домови.

Може да се волонтира и на начин со започнување на акција за спречување на насилство кај младите и промовирање на толеранција или пак акција за спречување на мобинг(малтретирање на работното место).
Интересен начин за волонтирање е волонтирањето во домовите за стари лица или во детските одделенија на болниците каде може со нашите активности како на пример читање на книги, свирење на некој инструмент, пеење или едноставно со нашето друштво да му го разубавиме денот на некоја осамена бабичка или некое дете кое има здравствен проблем.
Волонтирањето претставува еден вид на лична донација во општеството.
Многу познати луѓе од нашиот град, а и пошироко велат дека „Волонтирањето кај нас не е лесно, бидејќи имаме култура на неволонтирање и несоодветно разбирање на волонтирањето во заедницата“. Но, сепак постои тренд на волонтирање кај младите луѓе а особено кај средношколците кои го побиваат ова тврдење и отвараат нови хоризонти на волонтерството кај нас.
Иако во западно европските земји волонтирањето е дел од секојдневието на луѓето, а на нашиве простори сеуште несериозно се гледа на истото, јас сепак сум оптимист дека новите генерации ќе го осветлат нашиот образ во однос на волонтирањето и ќе се приближат кон западноевропските земји по однос на темата волонтирање.


Сакам да ве поттикнам активно да се приклучувате во волонтерски акции бидејќи волонтирањето е добро за сите безразлика на возраст,пол и вокација. Секој кој бил активно вклучен во некоја волонтерска активност сигурна сум дека ќе ви предложи и вам да искусите такво искуство. Јас лично сум била дел од три волонтерски активности , на една од нив бев и координатор на група од 25 волонтери и сум пресреќна што имав можност да работам со прекрасни млади личности кои несебично го вложија своето слободно време во организација на фестивали и достојно одговорија на поставените задачи. Моето искуство од волонтирањето е пребогато од аспект на запознавање на нови луѓе од различни професии, запознавање на познати личности, учество на работилници, учество на волонтерски тим билдинг, стекнување на нови знаења и вештини. Бидете отворени за нови искуства и предизвици бидејќи животот е приказна во која вие одлучувате која ќе биде вашата следна сцена.
Ве поздравува вашата блогерка м-р Јасна Весиќ.

Bintern е првата македонска платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување.
Регистрирајте се веднаш на bintern.com