Започнување на кариера


Секој од нас уште како дете сонувал за некоја професија. Некој сакал да стане доктор, некој фризер, некој пожарникар, а некој едноставно сонувал и сакал да стане успешен човек. Самите зачетоци на нашиот кариерен пат влечат корени од нашето најрано детство. Имањето на самата желба за некоја професија е директно поврзано со поставувањето на нашата животна цел. Мотивацијата за нашиот кариерен пат исто така влече корени од нашето дејство. Оној што е мотивиран од личен пример на некој близок (родител,баба,дедо,роднина,пријател,познаник) или од некоја позната личност (актер, доктор, пејач и сл.) и копнее да ја достигне нивната успешност, а притоа планира како тоа да го постигне сигурно ќе ја отвари својата зацртана цел. Многу важна е внатрешната мотивација за започнување на кариерниот пат. Оној што е мотивиран за постигнување успех во иднина со себе-развој и станување на успешен човек ќе постигне далеку поголеми резултати во својата кариера отколку оној кој е надворешно мотивиран (пример од материјалното богатство кое може да го стекне доколку стигне до својата кариерна цел). Многу важна ставка во започнувањето на кариерата е образованието на една личност и тоа не само формалното, туку и неформалното образование игра голема улога.

Без разлика на тоа за кое средно училиште ќе се одлучи едно дете или кој факултет ќе го избере еден млад човек за негова следна дестинација на патот од формалното образование, многу важно е да постои лична желба за учење. Ако продолжувањето на факултет е желба на родителот или некој друг, а не е лична желба на младиот човек тогаш тоа учење се смета за учење со сила, а не учење водено од сопствена желба и мотивација. Во денешно време постојат огромен број на школи и центри за неформално образование каде се изучуваат многу практични профили на професии. Оној кој нема желба или финансиски средства за да го продолжи своето образование со запишување на факултет и да го продолжи своето формално образование, може да избере некоја од тие школи за неформално образование и да се стекне со практични знаења со кои може брзо да заплива во кариерните води.


Значи кариерниот пат на секој човек започнува од најмали нозе, па продолжува со формалното и неформалното образование. Секој кој сака да започне со работа односно да почне да го применува стекнатото знаење треба пред се да има желба за работење. Секој од нас поминал период во животот кога немал желба да работи и “барал работа за да не ја најде”. Ако сте мотивирани да работите тогаш ќе се потрудите да започните со пракса, односно да ја запознаете од блиску работата која сметате дека е вашата работа од соништата. Ако додека ја извршувате вашата практична работа (праксата или стажирањето) во една компанија и при тоа сте посветени на работата и ориентирани кон учење и стекнување на нови знаења и вештини може да ви понудат вработување од самата компанија или компанијата во која работите директно да ве препорача за вработување во друга компанија во која има отворено работно место.
Секој кој ќе се вработи не треба да прекинува со своето професионално усовршување, туку треба да продолжи со својот кариерен развој и константно да учи и да се саморазвива. За учење нема возрасна граница - “Човекот учи додека е жив”.


Со постојаното учење ја одржуваме виталноста на нашиот мозок, а со тоа ја одржуваме и младоста на нашиот дух. Во денешно време со брзиот развој на технологијата и влезот на дигитализацијата во секое поле од нашето живеење, достапноста на материјали за учење е огромна. Ако пребарате на google може да најдете електронски изданија на стручни книги, најразлични материјали од сите области, електронски изданија на книги и списанија како и многу визуелни презентации за учење со кои учењето станува достапно за сите, без разлика дали некој е богат или сиромав секој може да има пристап до материјали за учење. Треба само да се има желба за читање и учење.
Кога студентите се во последната година од своите студии или веќе завршиле со испитите и ја добиле својата диплома треба да започнат да размилуваат за својот кариерен пат и да ја преземат одговорноста во свои раце. Со самото растење и созревање на младите луѓе треба да расти и одговорноста за нивните постапки. Треба да се размислува во правец дека “ти си тој што ги креира правилата на игра и само ти си одговорен за тоа што ти се случува или не ти се случува во твојот живот”. Се додека не се преземе одговорност и одговорноста за нештата што се случуваат се префрлува на друг (родител,брат,сестра,пријател…) не може да се има голем напредок ниту во кариерата ниту во секојдневниот живот.


Размислувањето за кариера додека се студира или после завршувањето на факултетот треба да се движи по овој редослед:

1. Лична SWOT анализа

Секој треба да си направи листа на своите јаки и слаби страни и да знае со кои компетенции располага во моментот кога почнува со барање на работа и што е она што му недостасува и на кое треба да се насочи од аспект на доусовршување на своите компетенции.
Исто така секој треба да знае кои се можностите кои постојат во неговата околина и кои може да ги искористи за време на своето патување кон кариерната цел, но истовремено треба и да е свесен за заканите кои го демнат од надвор (пр. Епидемии- корона вирусот, кризи во општеството - инфлација и сл.).

2. Анализа на пазарот на трудот

Пред да се започне со активно барање на работа треба да се истражи пазарот на трудот, односно кои профили се бараат и кои профили се нудат на пазарот на трудот. Треба да се истражи и состојбата со понудата и побарувачката на работна сила.

3. Личен план за развој

Многу важно е да се има план за кариерен развој односно јасно поставена цел (каде сакаме да стигнеме со реализација на тој план) и јасно дефинирани чекори за стигнување до целта.

4. Селектирај го секторот во кој сакаш да работиш

Треба да се избере секторот во кој сакаме да работиме и да се фокусираме на него. Секогаш кога се работи (планира,истражува) фокусирано резултатите се неибежни.

5. Истражи го секторот

Откако ќе се селектира секторот во кој сакаме да работиме треба детално да се истражи за да се увериме дали сепак тој е нашиот посакуван сектор или не се пронаоѓаме во него.

6. Изгради си добар личен бренд 

Многу важна работа на која треба да се обрне внимание е личниот бренд. Секој човек од најмали нозе треба да внимава на своето однесување (начин на држење на телото, манири, движење, зборување, говор на тело…). Дел од личниот бренд на еден човек е и неговото однесување на социјалните медиуми. Треба многу да се внимава што се објавува, споделува и коментира на социјалните медиуми бидејќи регрутерите прво нешто што проверуваат за некој кандидат се неговите профили на социјалните медиуми.

7. Стекни практични знаења(пракса) 

Без практични знаења најдобро е да не се аплицира за работа, туку најпрво да се насочи вниманието кон пронаоѓање на пракса каде ќе се стекнат практични знаења за посакуваното работно место. Практичното знаење е важна ставка во секое CV.

8.Креирај квалитетно CV и мотивационо писмо 

CV-to треба да е прилагодено според работното место за кое се аплицира. Не може со едно исто CV да се аплицира секогаш и секаде. Мотивационото писмо треба да е секогаш оргинално и во него да е наведената оригиналноста на личноста која аплицира односно да се наведе во писмото што е она што те издвојува од другите кандидати.

9. Аплицирај на огласи 

Активното барање на работа значи да се аплицира на огласи, а не само да се разгледуваат и да не се презема чекор.

10. Обиди се да стигнеш до процесот на интервјуирање

Компаниите ја ценат проактивноста на младите луѓе и сакаат да видат заинтересираност за работа од страна на луѓе кои се во потрага за вработување. Бидете проактивни и испратете свое CV во компаниите во кои би сакале да работите иако немаат тековни огласи за вработување. Сите компании имаат свои бази на кандидати каде чуваат контакти и CV-а па кога имаат потреба од вработување прво ги контактираат луѓето од својата база, па потоа објавуваат оглас. 

11. Вработување

Вработувањето претставува една од целите на кариерниот развој на човекот. Но, не треба да е крајна цел на кариерното патување. Вработувањето треба да е првата станица на кариерниот развој и после вработувањето секој треба да се стреми кон кариерен напредок, односно да не застане на таа станица туку да го продолжи своето патување кон постојано доусовршување и себеразвој.


Најважно од се според мене е да се има јасно поставена цел. Целта треба да е поврзана со нашите вредности и верувања и со нашата желба за успех.
Секој кој знае што е она што го исполнува на духовно и на професионално ниво ќе биде внатрешно мотивиран да направи први чекори кон остварувајне на својата цел.
Бидете свесни за тоа што сакате да постигнете во својот живот и не дозволувајте друг да одлучува за вашите идни чекори.
Вие сте тие кои имаат право да донесуваат одлуки за својот живот и да го одредат правецот на движење кон патот на остварување на личните цели.
Со упорност, посветеност и желба се стигнува до целта.
Ве поздравува вашата  блогерка м-р Јасна Весиќ.

Bintern е првата македонска платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување.

Регистрирајте се веднаш на bintern.com